Петти јули е единствениот датум за избори ако тие се одржат налето, е ставот на СДСМ и ДУИ. Овој термин е во согласност и со вонредната состојба која беше прогласена од страна на Пендаровски, изјави во емисијата „Клик Плус“, портпаролот на ДУИ, Бујар Османи.
„Она што го реков денеска за 5 јули е – ако изборите се одржат ова лето, освен 5 јули друг датум нема. Сега со оваа вонредна состојба, единствениот датум за избори е 5 јули. Поради прогласувањето на новата вонредна состојба, потребата на ДИК за подготовка и потребата за кампања, единствениот ден согласно секоја калкулација е 5 јули. Ако не се одржат во јули, тогаш останува за наесен“, истакна Бујар Османи.
5 јули како конечен датум за избори го најави и лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Потпретседателот на партијата, Коста Петров рече дека преговорите за датум со ВМРО-ДПМНЕ се завршени, додавајќи дека единственото нерешено прашање останува дали ВМРО-ДПМНЕ ќе води кампања или не.
ТВ21 го праша лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – дали ќе учествува на изборите најавени за 5 јули и дали последните активности се дел од предизборна кампања. Мицкоски не најави бојкот, туку рече дека ќе ги употребат сите средства за да го победат Заев.
И лидерот на ДПА, Мендух Тачи смета дека предвремените избори треба да се одржат на 5 јули за ДУИ да замине од власт. Алијанса за Албанците и Алтернатива велат дека за нив се прифатливи изборите кои ќе се одржат по завршување на корона кризата.
