Иако штрајкуваат веќе 6 недели, вработените во Управата за водење на матични книги велат дека никој не ги зема предвид нивните барања. Од Конфедерацијата на синдикални организации велат дека ова се случува само во Македонија – да се протестира 6 недели, а никој да не покаже интерес за тоа.
Претседателот на Синдикатот на Управата за водење на матични книги, Тони Милошовски, вели дека вработен кој не протестира, ги нападнал останатите колеги.
Насер Џемаили, вработен во Управата во Тетово, уверува дека двајца негови колеги се онесвестиле откако вчера добиле наредба од управата дека им се забранува влез во објектот.
-Најлошото е што наредбата пристигна со налог кој треба да се потпише, кој законски нема потреба да се праќа на овој начин. Можеше да биде во вид на известување за вработените. Со жалење велам дека двајца колеги се онесвестија и со Брза помош беа испратени во тетовската болница, вели Џемаили.
Вработените бараат поголеми плати за 30% и уредување на нивниот работен статус. Тврдат дека има вработени кои земаат плата 15.000 денари, пари кои не им се доволни да го „истуркаат“ месецот.
