600 паркинг места кај Клиничкиот центар – „Ѓока Констракшн“ од Албанија, единствена што аплицирала на тендерот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

За 6 месеци до 1 година во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ најверојатно ќе се изградат 600 паркинг места, најави министерот за здравство Арбен Таравари. Фирмата „Ѓока констракшн“ од Албанија, според министерот, била единствената што се пријавила на објавениот оглас, но договорот сè уште не е потпишан. Тој додаде дека доколку ги помине владините филтри, оваа компанија ќе стопанисува додека Клиничкиот центар е на истата локација.

Премиерот Христијан Мицкоски запрашан за ова рече дека владата до сега не донела одлука за оваа компанија, која според него, нема да биде избрана доколку се утврдат неправилности за неа.

Доколку и Владата даде зелено светло, министерот за здравство посочи дека цената за еден час паркирање ќе чини 50 денари, оваа цена според него е разумна во однос на другите паркинзи.

Инаку, со паркингот на Клинички центар сега стопанисува Јавното претпријатие „Градски паркинг“, но паркинг местата се недоволни за капацитетите и потребите на клиничкиот центар.