Секогаш кога ќе слушнат дека доаѓа градежната машинерија, жителите на Ивандол во Кичево излегуваат и го блокираат патот, за да не почне работата. Тие веќе 7 месеци даваат отпор за изградба на социјални станови наменети за ранливите социјални категории. Велат дека градоначалникот на Кичево Фатмир Дехари им кажал дека се откажал од проектот.
Градоначалникот на општината Фатмир Дехари не сакаше да коментира на прашањето дали навистина им ветил на жителите дека се откажал од проектот.
Од друга страна, компанијата „Стенто“ која треба да ги изврши градежните работи, за ТВ21 изјави дека ова што се случува во Кичево е расизам.
„Ние сме посветени на изградбата на проектот и постапуваме во рамките на барањата на инвеститорот. Цениме дека во 21 век, да се прави расизам врз основа на изградба на социјални станови е апсурдно, а нереагирањето на надлежните институции и толеранција на такви постапки за нас е навистина апсурдно“, велат од компанијата СТЕНТО.
Во неможност да ги започне работите, фирмата при излегување на терен ангажира приватно обезбедување, додека на секој протест е присутна и полиција. Наместо социјални станови, жителите бараат подобри услови за живеење како училишта, градинки, болници и патишта, а остануваат цврсто на ставот дека не сакаат ромска заедница да живее во нивното соседство.
