Општина Чаир не знае кој е сопственикот кој го гради објектот кај кафулето Фонтана во ТЦ Мавровка. За тоа, од утре ќе има соопштение во дневните весници и во службен весник со цел да го известат сопственикот, дека изградбата е нелегална и треба да се урне. Доколку за 8 дена сопственикот не го урне објектот, тогаш тоа ќе го стори општината. До тогаш општината ќе објави тендер за реализација на уривањето кој ќе трае 40 дена.
„Во рок од 8 дена треба да се урне објектот. Доколку не го урне, тогаш општината ќе преземе мерки. Но, паралелно сакам да ве известам дека од понеделник Општината ќе објави нов тендер или јавен оглас за уривање на објектот бидејќи во моментов е истечен“, истакна Висар Ганиу.
Ова значи дека и доколку сопственикот не го испочитува рокот од 8 дена, објектот нема да може да го урне ниту општината, бидејќи нема компанија која го врши тоа. Но Ганиу се надева дека сопственикот ќе реагира.
„Ние чекаме и сме убедени….сега посакуваме инвеститорот сам да го урне објектот“, додаде Ганиу.
„Иако во претходниот период работите се одвиваа интензивно, денеска немаше работници. Изгледа дека сопственикот ги прекинал работите“, посочи репортерката на ТВ21.
Останува да се види дали сопственикот за 8 дена ќе го урне објектот или тоа ќе треба да го стори самата општина. Законскиот рок е 8 дена и започнува од утре а процедурата ќе се одвива на тој начин бидејќи сопственикот е непознат, а инспекторите не го нашле и поради тоа не можеле да го идентификуваат.
