8 лица уапсени во антитерористичка акција, МВР со детали, роднините на приведените велат не се терористи

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Полицијата излезе со детали за вчерашните приведувања во Скопје и Куманово. Приведени се 8 лица осомничени дека се дел на терористичка група. Во информациите од МВР се вели дека лицето Б.А. од Куманово создал терористичка организација во која членувале и сега приведените врз основи на идеолошката матрица на терористичката организација ИСИС за извршување на убиства и уништување на јавни објекти со намера да се создаде чувство на несигурност или страв кај граѓаните.

Сепак, во видеото од акцијата за претрес кое МВР го испрати до медиумите, можат да се забележат само неколку телефони, а не оружје и опрема.

Денеска роднините на приведените дојдоа во Кривичен суд Скопје. Селвер Гаши, брат на еден од приведените, вели дека неговиот брат е невин и дека во нивниот дом не е пронајдено оружје или муниција со што се докажува дека се терористи.

„Немаме ниту оружје на црно, ниту муниција . . . ниту игла не е пронајдена.“, вели Гаши.

Велат дека полицијата при претресот користела насилство и не им покажале ниту налог за претрес.

„Малтретирани се 8 лица и физички и психички. Сакаат да ги обвинат за радикален исламистички тероризам.“, рече Гаши.

И братот на еден од приведените, Мухамед Фејзулаху, вели дека неговиот брат е невин. Тие не бараат ништо друго освен правда.

„На почеток влегле кај мојот чичко, мислеле дека влегле во нашата куќа, ја скршиле вратата и се наоколу. Ги исплашиле членовите на семејството, а потоа дојдоа кај нас дома и не најдоа ништо, дури ниту нож. Овие мислат дека се за тероризам, но ништо не најдоа. Ниту игла не најдоа кај нас.“, изјави Фејзулаху.

Меѓу другото тие велат дека нивните роднини биле физички малтретирани за да признаат вина дека се членови на организацијата ИСИС. Еден од роднините на уапсените вели дека неговиот брат пред две години отслужил казна затвор од две години бидејќи се обидел да замине да војува на Среден Исток, а сега вели дека за тоа се кае. Според информациите на МВР, Б.Ф. учествувал во паравоените формации надвор од територијата на РСМ, како член на терористичката организација ИСИС во Сирија.

Инаку, учеството на македонски државјани во странска војска, паравоени формации, полиција или параполициски формации, организирани групи, е казниво со закон од најмалку четири години. Исто така кривично дело е доколку на било каков начин се повикува, врбува или потикнува за учество во вакво извршување на делата.