8-ми Март – Денот на жената, платформата за родовата еднаквост со марш за права на жените

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со марш кој почна пред Универзалната сала под слоганот „Нека јадат ружи“ Платформата за родова еднаквост го одбележа 8 март Меѓународниот ден на жената. Овој ден не е за симболични гестови и излитени фрази, што ќе ни се ружи кога немаме за леб, беа дел од пораките на маршот.

„Ве повикавме на женски бојкот на големите маркети, ланци, трговски центри и бојкот на сите домашни обврски. Наместо да ни подаруваат ружи, мажите нека го споделат товарот на нашиот домашен труд.“, велат од Платформата за родова еднаквост.

Во Струмица собир посветен на жената одржаа социјалдемократите. Ова е денот на женската храброст, женската борба и на женскиот непоколеблив дух, рече потпретседателката Фани Каранфиловска Панова.

„Овој ден не е само празник туку е потсетник на вековната битка за права и еднаквост. Жените низ историјата го кршеа мракот на дискриминацијата и нееднаквоста освојувајќи право на глас, на образование, на работа на достоинство“, вели Каранфиловска Панова.

Честитка за денот на жените стигна и од Зеќирија Ибрахими претседател на Алтернатива која е дел од коалицијата ВЛЕН. Тој рече дека битката за застапеноста на жените мора да ги надмине процентите и квотите.

„Сакам да нагласам дека девојките и жените се етиката и естетиката на секое општество. Затоа, почитта кон нив никогаш не треба да престане, додека битката за нивно претставување во јавниот живот треба да оди подалеку од процентите и квотите. Жените не се статистичка категорија, туку се суштества според кои се мери општествениот и институционалниот успех во животот“, вели Зеќирија Ибрахими.

По повод меѓународниот ден на жената и 30-годишнината од Пекиншката декларација и Платформата за акција, UN Women во Македонија, во соработка со Поштата на Македонија претстави специјален пригоден поштенски жиг, кој прикажува крената тупаница, симбол на решителност и борба за женските права.