Националниот парк „Шар Планина“ функционира, но со 8 вработени кои моментално работат во една канцеларија. Директорот на ова претпријатие вели дека тоа им создава потешкотии.
„Тешкотии имаме, секако и вие гледате дека ова го адаптиравме. Тука сме сите во една канцеларија, сите вработени, од просторите што се доделени по предлог на Владата и „Елем Турс“. Треба да се уредат и, да адаптираме други простории и да работиме нормално“, вели Ибрахим Дехари.
Вработените во ова претпријатие се на терен за да дадат информации за дозволените и забранетите активности во националниот парк, за што се подготвува информативен материјал.
„Секако дека долго време останав сам во оваа институција како директор, но по тој период дојде моментот да ги направам првите вработувања. Значи имаме двајца раководители во администрацијата, правник, економист, други двајца шумарски инженери, но ги имаме и првите четворица чувари, па можеме да кажеме дека почнавме да функционираме со овие човечки капацитети што ги имаме. Подготвени сме да понудиме услуги за граѓаните, жителите и за барањата за количината на дрва и други потреби што ги имаат граѓаните“, додаде Ибрахим Дехари.
Националниот парк Шар Планина е првиот што е формиран по осамостојувањето на Македонија, бидејќи другите три парка се создадени во времето на поранешна Југославија. Има договор дека во првите три години Владата на Македонија ќе му помогне на ова претпријатие за да може да опстане. Преку двајца донатори се обезбедија средства за средување на канцелариите и поставување на информативните табли во шумите. За вработувања и други трошоци Владата лани издвоила вкупно 6 милиони денари. Проблем е што министерот за животна средина во заминување Насер Нуредини го нема потпишано планот за управување со планината Шара и без тој план не може да се преземат конкретни чекори.
