80 години од формирањето на првиот Партизански одред – во куќата каде илегално се изработувало оружје

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во непосредна близина на кејот на реката Вардар на ул. Пајкова, била сместена куќата на електромеханичарот Серафим Видовски во чијшто двор имало приземна, скромна електромеханичарска работилница. А под неа илегална работилница за поправка и изработка на оружје кое го користеле партизаните за време на НОВ.

„Оваа врата не води кон меморијалниот музеј на илегалните работилници за изработка на оружје за време на НОВ, а внатре ќе не пречека кустос Валентина од која очекуваме и подетално да дознаеме со какво оружје се бореле партизаните за време на Народно ослободителната војна“, вели репортерката на ТВ21.

„Во оваа витрина можете да видите една пеколна машина која била изработена во оваа работилница. Тука имаме нагазни мини, се употребувале материјали кои во моментот биле достапни. Еве на пример, оваа нагазна мина е изработена од водоводна цевка“, посочи Валентина Петровска.

„При онаа рација што ја спровеле бугарските власти, можеби требало да копаат метар под земја за да стигнат до експлозивот кој го криел Серафим овде. Иако навидум изгледало дека овде се чуваат дрва, ќумур она што е потребно за огрев на една куќа“, истакна репортерката на ТВ21.

Денеска Град Скопје одбележува 80 години од формирањето на првиот скопски партизански одред. Дел од него биле и народните херои  Александар Урдаревски, Раде Јовчевски-Корчагин и Бори Петрушевски кои се прогласени за народни херои.

„Овој отпор од 40-тина луѓе бил одговор на она што се случило на почетокот на 1941-та година кога тогашната Кралска Југославија пристапила кон тројниот пакт. Во Скопје на 27-ми март имаме демонстрации. Овој одред е предвесник на она што ќе се случува по официјалното отпочнување на оруженото востание. Јас често велам Првиот партизански одред е никулец на идното Народно ослободително движење“, вели Јанчева Љубица .

Како дел од чествувањето е предвидено положување цвеќе пред Споменикот на Првиот  скопски партизански одред во Карпош 3. Настап на Академскиот  хор „Мирче Ацев“ о Академскиот хор „Оро“ од Ниш, Србија како и кино-проекција на филмот „Ослободувањето на Скопје“  во режија на Раде и Данило Шербеџија. Едукативна тура на млади во Меморијалниот музеј на илегалните работилници за изработка на оружје за време на НОВ.