Франција ги засили безбедносните мерки во пресрет на најавените протести за оваа сабота. На целата територија на земјата се ангажирани околу 70.000 полицајци и жандарми, додека властите стравуваат од повторување на сцените на насилство, грабежи и напади врз јавни институции.
Безбедносните сили се засилени со околу 10.000 припадници повеќе во споредба со протестите од 17 октомври. Планот вклучува и оклопни возила, хеликоптери, водени топови и специјални единици, со цел да се спречат нови судири.
Францускиот министер за внатрешни работи, Лоран Нуњез, предупреди дека властите нема да толерираат насилство и уништување имот. Во повеќе од 100 градови се воведени ограничувања, меѓу кои забрана за протести во одредени зони и ограничување на движењето во текот на ноќта.
Безбедносните мерки влијаат и врз културниот и спортскиот живот. Во Париз, во сабота ќе бидат затворени неколку значајни институции, меѓу кои музејот Лувр, Музејот Орсе и Париската опера.
Меѓународниот саем за уметност „Арт Базел Париз“ го откажа и викенд-програмата, додека фудбалскиот натпревар меѓу Пари Сен Жермен и Лион е одложен за понеделник од безбедносни причини.
Во обид да ги намали тензиите, претседателот Емануел Макрон се сретна со претставници на ученичките организации. Сепак, тие најавија дека протестите ќе продолжат доколку не се исполнат нивните барања за подобрување на училишната инфраструктура и реформирање на системот за упис на универзитетите.
Протестите, кои траат веќе неколку недели, се поврзани со незадоволството од растот на трошоците за живот, притисокот врз приходите и проблемите во јавните услуги.
Француската влада сега се соочува со двоен предизвик: да спречи ескалација на насилството и да најде решенија за социјалното незадоволство што ги поттикна граѓаните на масовна мобилизација.
