9-годишно дете е најмладиот милионер – фирмите кои не платиле солидарен данок ќе бидат блокирани

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со месечна бруто плата од 200 илјади евра жител од Скопје е на врвот од листата на лица со најголеми примања. Директорката на УЈП Сања Лукаревски соопшти и кои се најмладите и највозрасните милионери за минатата година.

„24-годишник е најмладиот милионер во евра за 2022 година со остварен и пријавен доход од странство во износ од 61,6 милиони денари а 77 годишно лице со остварени 92,9 милиони денари доход е највозрасниот милионер во евра. Најмладиот милионер во денари има 9 години со остварени нешто над 1 милион денари од закупнина додека највозрасниот има 97 години и лани остварил доход во износ од 1,2 милиони денари по основ на пензија и доход од извршена работа“, вели Сања Лукаревска.

Лукаревска предупреди дека на 24 ноември ќе бидат блокирани сметките на сите оние фирми кои имаат обврска да платат солидарен данок а тоа не го сториле. Овој данок кој е еднократен се однесува на 150 компании кои минатата година имале приход од над 10 милиони евра. Лукаревска рече дека досега овој данок го уплатиле 99 компании со уплата од нешто повеќе од 2 милијарди и 210 милиони денари.

„Бидејќи рокот беше до 25 октомври, за сите оние кои што немаат направено плаќање на овој данок на солидарност ќе преземеме мерки согласно Законот за даночна постапка односно согласно нашиот календар на 6 ноември веќе ќе ги доставиме опомените, доколку и по тоа нема направено уплата на 24 ноември веќе ќе пристапиме кон блокирање на нивните сметки“, посочи Сања Лукаревска.

Во последната акција „Синџир“ која се спроведе во неколку градови во земјава а кој се однесува на перење пари и затајување данок и тоа во висина од 8 милиони евра, 13 газди на македонски фирми добија притвор, еден куќен притвор и 12 лица мерки за претпазливост. Лукаревска објасни како се одвивал овој синџир на затајување данок. Едните правеле фиктивни фактури со излезен данок  а втората група таканаречени даночни гаранти го пријавувале како влезно исполнување.

„Ние сме увиделе дека станува збор за фиктивно прикажан ДДВ кој што всушност се барало после да се врати. Првата група на даночни обврзници е секако поврзана со втората група на даночни обврзници бидејќи на едната страна имаме излезен ДДВ на другата страна имаме влезен ДДВ. Но, битно е што имаме несоодветна незаконита документација затоа што сме виделе ситуации едната со другата фирма во своите деловни односи немаат буквално никаква сврзна точка“, порача Сања Лукаревска.

Лукаревска рече дека имаат сомневање за највисоките плати во одредени сектори и можни малверзации за што најави дополнителни проверки.