АА и ЕДП незадоволни од понудата на ДУИ – има ли застој во проширувањето на Европскиот фронт?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Продолжуваат преговорите за проширување на Европскиот фронт и со други албански партии откако вчера ДУИ и Народното движење потпишаа договор за заедничко учество на изборите. Како што извести вчера лидерот на ДУИ, Али Ахмети, преговорите траат веќе долго време и истите ќе продолжат со АА, ДПА и ЕДП, но и со турски, ромски и со партии на бошњаците.

Но, извори на ТВ21 велат дека има незадоволство во АА на Села и ЕДП на Арјанит Хоџа за понудата на ДУИ за позициите во листите за пратеници. Изворите велат дека на Хоџа му се понудени непобеднички позиции во ИЕ6, па тој ќе биде осми по ред, а во ИЕ2 Бастри Бајрами е петти. Што се однесува до АА, во зоната два, првично се предвидуваше дека Елми Азири ќе биде втор, а подоцна беше преместен на четвртото место.

За ова ги контактиравме двете партии. Го прашавме првиот човек на АА, Зијадин Села, дали навистина има незадоволство за  преговорите за коалицирање, но тој ни рече дека кога ќе има нешто да каже, ќе ни се јави самиот. Наим Бајрами, актуелен министер и портпарол на АА, синоќа за ТВ21 изјави дека јавноста знае дека АА претходно има донесено одлука, но дали во наредните денови ќе има друга одлука, според него, останува да се дебатира во партиските тела. Потсетуваме, АА на Села досега има донесено само една одлука за излегување на избори, а тоа е да излезат сами, а Села претходно негираше дека има договор со ДУИ.

Од друга страна, првиот човек на Европската демократска партија, Арјанит Хоџа, на прашањето дали доколку не успеат да се договорат со ДУИ, ќе одат заедно со АА одделно од ДУИ, ни рече дека во политиката се е можно и се очекува до петок да се дефинира се.

Инаку, на последните парламентарни избори во 2020 година, Демократската унија за интеграција на избори излезе сама и освои 15 пратеници. Во ИЕ6 ДУИ успеа да добие седум пратеници, во ИЕ5 тројца пратеници, во ИЕ2 три пратеници и во ИЕ1 – двајца пратеници.