Структурите на АА во рамки на коалицијата ВЛЕН ја одржаа Основачката седница, каде во фокусот на дискусиите беа политичките случувања во земјата, а беше усвоен и концептот „Нова Алијанса“, оценет како стратешки чекор за посилно и пообединето политичко структурирање.
„Во духот на реорганизација и внатрешно зајакнување, беа донесени следните одлуки:
Итна суспензија на функционирањето на сите актуелни органи до нова одлука;
Прогласување привремен мораториум на сите партиски активности;
Со мнозинство гласови, Основачкото собрание го овласти претседателот Арбен Фетаи да ги продолжи преговорите во рамки на раководството на ВЛЕН, со цел формирање на ВЛЕН како политичка партија, во согласност со досега договорените вредности и принципи“, се вели во концептот на „Нова Алијанса“.
Она што привлече внимание е отсуството на две фигури од АА на ВЛЕН на оваа седница, со која раководеше единствено Арбен Фетаи, актуелен заменик-претседател на Владата задолжен за добро владеење. Отсуствуваа министерот за здравство Азир Алиу и пратеничката Мимоза Муса. На прашањето за ова, Алиу даде општ одговор.
„Сите политички процеси во државата се во линија со она што го бараат граѓаните. Граѓаните бараат да бидеме што пообединети, да имаме заедничка цел за подобра иднина на земјата. Во таа насока и ние како ВЛЕН работиме што е можно поскоро да изградиме добро организирана структура и да немаме административни промени во остварувањето на нашите цели“, изјави Азир Алиу од АА/ВЛЕН.
Алиу потврди дека пратеникот Илир Демири веќе е дел од иницијативата за, како што рече, обединување на силите, а исто така потврди дека се водат разговори и со други пратеници за приклучување кон оваа иницијатива.
