Мицкоски: Менталитетот на луѓето кои треба да обезбедат владеење на правото не смее да остане заробен во личните интереси

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека Владата ги користи сите законски механизми за борба против корупцијата, но нагласи дека нејзината улога завршува со истрагата и обезбедувањето докази, додека конечната одлука е во рацете на судството.

Одговарајќи на новинарско прашање кога јавноста ќе види конкретна одговорност за високи функционери осомничени за криминал, Мицкоски истакна дека Владата никогаш не ветила дека ќе суди, туку дека ќе обезбеди услови за ефикасно процесуирање на случаите.

„Ние не можеме да судиме и никогаш не сме ветиле дека ќе судиме. Нашата задача е да покренеме истрага, да ја поткрепиме со докази, а потоа постапката е во надлежност на судовите“, изјави Мицкоски.

Тој потенцираше дека судската власт е независна и дека Владата нема ниту намера ниту право да влијае врз нејзините одлуки.

„Од моментот кога предметот ќе стигне до судот, сè е во рацете на судската власт. Не сакам ниту помислувам политиката да влијае врз судските процеси, бидејќи тоа не е во согласност ниту со моите принципи, ниту со мојот карактер“, рече премиерот.

Како пример за активностите на институциите во борбата против високата корупција, Мицкоски потсети дека во изминатиот период биле отворени постапки во кои биле опфатени врховен судија, јавен обвинител, поранешен претседател на Советот на јавни обвинители, како и поранешни министри, вицепремиер и директори.

Според него, Владата го започнува процесот, но неговиот исход зависи исклучиво од судството.

Осврнувајќи се на реформите во правосудството, Мицкоски рече дека Владата работи на усогласување на законите со европските стандарди, во рамки на реформската агенда и во координација со Европската комисија.

„До крајот на годината треба да ги донесеме новиот Кривичен законик и Законот за кривична постапка. Системот што го градиме е по примерот на земјите-членки на Европската Унија“, истакна тој.

Сепак, премиерот оцени дека законските измени сами по себе нема да бидат доволни доколку не се промени начинот на размислување кај оние што го спроведуваат правото.

„Може да обезбедите ресурси, поддршка и најдобри закони, но ако менталитетот на луѓето кои треба да обезбедат владеење на правото остане заробен во личните интереси, тогаш тешко ќе напредуваме. Тоа е најголемиот предизвик со кој во моментов се соочуваме“, нагласи Мицкоски.

Тој додаде дека Владата ќе продолжи да ги зајакнува механизмите за борба против корупцијата и да ги унапредува законските решенија во соработка со Европската комисија и институциите во Брисел.