АД ЕСМ реагира по повод обвинувањата на СДСМ за ситуацијата со РЕК Битола и Осломеј. СДСМ обвинува дека со измислени саботажи, ја покриваат својата неспособност.
„Катастрофата што СДСМ ја создаде во АД ЕСМ е најочигледна преку секојдневната борба на новото раководство да го одржи производството во Рударско-енергетските комбинати РЕК Битола и РЕК Осломеј. Актуелното раководство ја наследи компанијата во целосен колапс и за тоа ќе одговараат виновниците.
Нема ден да не се соочуваме со предизвици како резултат на недомаќинското и нестручното управување со производствените капацитети во изминатите години. Штетата нанесена на термоцентралите и рудниците за јаглен бара натчовечки напори за стабилизација и за жал, последиците од нивното неразумно владеење и деструкција ќе се чувствуваат уште некое време. Процесите на консолидација се комплексни и едноставно не можат да се реализираат за неколку месеци.
Зачудувачка е дрскоста на опозицијата што се осмелува да коментира за одржувањето на постројките, кога токму тие се одговорни за:
- Оставање на термокапацитетите без неопходни ремонти.
- Систематска негрижа за механизацијата и урнисување на рудниците преку хаотично копање надвор од рударските проекти.
- Празни депонии без јаглен.
- Неплански исцицан хидропотенцијал.
- Систематско полнење со партиски, нестручни кадри во сите сектори, подружници и ДООЕЛ-и, и за деформирани систематизации кои ја доведоа компанијата во финансиска и организациска бездна.
- Закупи на LNG терминал и прекугранични капацитети преку кои не е можно да се донесе ниту 1 грам гас до државата и за кои ќе претрпиме најмалку 50 милиони евра штета во наредните 15 години, за колку што нè врзале со штетни договори.
И за сето останато за кое се доставени или допрва ќе се достават сите наоди до соодветните институции за постапување.
Затоа, апелираме СДСМ да престане со шпекулации и со дрски обвинувања заради собирање евтини политички поени преку грбот на РЕК Битола и Осломеј“, стои во соопштението од АД ЕСМ.
