Клиничката болница „Аџибадем Систина“ и во новата натпреварувачка сезона останува медицински спонзор на кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје Аеродром, продолжувајќи ја долгогодишната успешна соработка и посветеноста кон здравјето, безбедноста и спортските успеси на кошаркарите.
Како општествено одговорна компанија, која континуирано вложува во развојот и унапредувањето на спортот во земјава, „Аџибадем Систина“ и оваа сезона ќе обезбедува стручна медицинска поддршка за кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром, со посебен акцент на превенцијата од спортски повреди, навремената дијагностика и зачувувањето на нивното здравје.
Во пресрет на новата сезона, д-р Михајло Ивановски оствари средба со кошаркарите и претставниците на МЗТ Скопје Аеродром, на која беше потврдена подготвеноста за продолжување на долгогодишното партнерство.
„Горди сме што и оваа сезона продолжуваме да бидеме дел од спортската приказна на МЗТ Скопје Аеродром. Нашата долгогодишна соработка е изградена врз заеднички вредности, доверба и посветеност кон постигнувањето врвни резултати. Како медицински спонзор, наша задача е да им обезбедиме на кошаркарите квалитетна здравствена грижа и да бидеме нивна поддршка во сите предизвици што ги носи професионалниот спорт“, изјави д-р Михајло Ивановски.
Во рамките на партнерството, кошаркарите ќе имаат пристап до современите дијагностички и терапевтски услуги на Клиничката болница „Аџибадем Систина“, како и до стручниот медицински тим кој ќе се грижи за нивното здравје во текот на сезоната.
Од МЗТ Скопје Аеродром изразија благодарност за континуираната поддршка, истакнувајќи дека партнерството со „Аџибадем Систина“ е од особено значење за професионалниот развој и постигнувањето нови спортски успеси.
Новата натпреварувачка сезона за МЗТ Скопје Аеродром започнува в сабота, на 26 септември, со натпреварот против Куманово во рамките на Суперкупот, во кој сино-белите ќе се обидат да го одбранат трофејот освоен во претходните пет години.
Со продолжувањето на ова партнерство, „Аџибадем Систина“ ја потврдува својата определба за поддршка на македонскиот спорт и обезбедување врвна здравствена грижа за спортистите, како основа за нивните идни успеси.
