Адвокатот на екс директорот на ДЗС: Дали кофата за гаснењето на пожарот во Пулс не била во рацете на Обвинителството

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Адвокатот Димитар Дангов, бранител на поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување, Шабан Салиу, остро го критикуваше Обвинителството за обвинението поднесено против неговиот клиент.

Тој оцени дека обвинителите имале можност уште пред трагедијата да постапат по допрен глас и да спречат криминално однесување кај други сторители и праша „Ако ја следиме логиката на обвинението, тогаш неминовно се појавува прашањето: Дали враќајќи се во минатото, кофата со вода за гаснење на пожарот не била и во рацете на Обвинителството во Кочани и на претставниците на поширокиот државен систем?“.

Дангов посочи дека, доколку дискотеката „Пулс“ била затворена пред пожарот, Салиу немаше да се најде на обвинителна клупа, бидејќи надлежностите што му се ставаат на товар не се во негова компетенција.

„Ако некој во синџирот на каузалната врска си ја вршеше својата работа, и на 15 март 2025 година или на 16 март 2025 година пред да се запали фитилот на огнометот, го затвореше Пулс, дали во таков случај кога пожарот немаше да се случи, да дадеше Господ така да беше, Шабан Салиу ќе беше одговрен, само затоа што 9 до 14 години порано не постапувал по управно-правни обврски кои не биле ниту во негова надлежност“, додаде Дангов.

Според него, Салиу е обвинет „само поради пожарот и болката што ја предизвика трагедијата“, но болката – како што рече – не смее да биде основ за кривично гонење.

„Правда се гради на факти, не на чувства“, порача Дангов, додавајќи дека обвинението против Салиу е неосновано.