Aфера со набавки во МВР тврди ВМРО-ДПМНЕ, Спасовски: Набавките во безбедносниот сектор се многу мали

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Има ли проблематични набавки во безбедносниот сектор кои ги спроведува Министерството за внатрешни работи. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ тврди дека токму во овој сектор се прават набавки со фирми кои се на црната листата на Соединетите Американски Држави, но не откриваат за што конкретно станува збор.


„Како од една страна устата им е полна со Европска Унија, НАТО, прозападна ориентација и така натака а од друга страна даваат сензитивни набавки во безбедносни сектори во државата на фирми кои што се на црната листа на Соединетите Американски Држави“, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски.

Во безбедносниот сектор има набавки кои што се направени од фирми кои што се поврзани со фирми кои што се на црната листа на Соединетите Американски Држави.

Но министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ги отфрла ваквите обвинувања и вели дека сите набавки се транспарентни а оние за безбедносниот сектор се многу малку.


„Сите набавки кои што се прават тие се објавуваат на Бирото за јавни набавки. Можете да извршите увид за секоја една набавка која што е направена, така што во тој дел апсолутно се одвиваат постапките многу транспарентно. Е сега во однос на набавките кои што се во делот на безбедноста тие се многу мали набавки и такви фирми кои што се наоѓаат на црни листи не се во моментот соработници на министерството“, вели Спасовски.

Министерството за финансии на Соединетите Американски Држави во декември објави проширена таканаречена црна листа на лица и компании од Србија, Хрватска, Косово и Бугарија кои се поврзуваат со корупција, а потоа таа листа е дополнета и со компании од Босна и Херцеговина во кој беше и самиот член на претседателството Милорад Додик.