Метеоролошката служба „Severe Weather Europe“ предупреди дека над поголемиот дел од Европа се развива „купола на топлина“, која носи рекордно високи температури за овој период од годината.
Според прогнозите, во многу региони температурите се очекува да бидат и до 15 степени Целзиусови над сезонскиот просек. Најпогодени ќе бидат Шпанија и Португалија, каде живата во термометарот може да се искачи од 35 до 39 степени Целзиусови.
Топлата воздушна маса што доаѓа од Северна Африка постепено ќе се прошири кон север и исток на континентот, опфаќајќи ги и Велика Британија, Франција и делови од Централна Европа, каде попладневните температури ќе се движат од 25 до 29 степени Целзиусови.
Метеоролозите нагласуваат дека крајот на мај може да донесе температури и до 15 степени повисоки од повеќегодишниот просек, што во некои региони ќе ги означи првите вистински топли денови за 2026 година.
Феноменот познат како „купола на топлина“ настанува кога топлиот воздух подолг период останува заробен над одредена област под влијание на силен антициклон и специфична атмосферска циркулација наречена „омега блокирање“.
Високиот атмосферски притисок го притиска воздухот надолу, каде тој дополнително се загрева, додека ведрото небо и големиот број сончеви часови дополнително ја засилуваат порастот на температурите.
Експертите предупредуваат дека топлотниот бран може да биде проследен со зголемен ризик од суши и здравствени проблеми, особено кај најранливите категории на население. Воедно, метеоролозите го следат и развојот на феноменот Ел Нињо, кој дополнително може да влијае врз летното време на Балканот и низ цела Европа.
