Африм Гаши од Тбилиси: Регионалната соработка е клуч за стабилноста и развојот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествува на 67. Генерално собрание на Парламентарното собрание на Организацијата за црноморска економска соработка (ПАБСЕК), кое на 30 јуни и 1 јули се одржува во Тбилиси, Грузија. Во своето обраќање пред делегациите од земјите членки, тој ја истакна важноста на регионалната соработка, економското поврзување и евроатлантските интеграции.

Гаши на свеченото отворање им се заблагодари на домаќините и оцени дека регионот на Црното Море претставува значаен простор за развој на трговијата, транспортот и меѓународната соработка. Според него, иако регионот располага со голем економски и културен потенцијал, истовремено се соочува со бројни предизвици кои можат да се надминат само преку заедничко дејствување и солидарност.

Во својот говор, претседателот на Собранието ја нагласи потребата од инклузивен дијалог и рамноправно учество на сите партнери во креирањето на регионалните политики. Тој порача дека Северна Македонија останува цврсто посветена на членството во Европската Унија и НАТО, оценувајќи дека тие претставуваат гаранција за поголема безбедност, стабилност и економски напредок.

Гаши истакна и дека, и покрај различностите меѓу државите во регионот, тие имаат заеднички интереси – мир, економски развој и подобра иднина за граѓаните, особено за младите генерации.

Покрај учеството на Генералното собрание, Гаши престојува во официјална билатерална посета на Тбилиси, на покана на претседателот на Парламентот на Грузија. Во рамките на посетата се очекува средба меѓу двајцата парламентарни претседатели, на која ќе се разговара за регионалната безбедност, парламентарната дипломатија и можностите за продлабочување на соработката меѓу Северна Македонија и Грузија.

ПАБСЕК е меѓународна парламентарна организација основана во 1993 година, чија цел е унапредување на соработката меѓу парламентите на земјите членки на Организацијата за црноморска економска соработка, а Северна Македонија е активен учесник во нејзината работа.