Американската амбасадорка Анџела Агелер во интервју за ТВ21 истакна дека е „многу задоволна“ од напредокот на градежните работи на Коридорите 8 и 10, кои ги изведува конзорциумот „Бехтел и Енка“.
„Посебно сум задоволна за Коридорот 8, не само затоа што на него работи врвна американска компанија, туку и затоа што од гледна точка на НАТО и стратегиската сигурност, тие коридори се клучни,“ рече Агелер.
Таа нагласи дека коридорите не ја зајакнуваат само безбедноста на државата, туку значително ќе ја зголемат и трговијата:
„Ќе бидат прекрасни. Имав прилика да посетам неколку градежни зони и многу ме радува напредокот.“
Агелер ја поздрави и соработката меѓу македонскиот и бугарскиот министер за транспорт, оценувајќи го заедничкиот договор како „исклучително важен“, и покрај политичките тешкотии:
„Им честитам за храброста. Тоа беше голема работа.“
Амбасадорката со насмевка додаде дека, иако по две години веќе нема да ја извршува функцијата, ќе се врати во земјава за да се вози по новиот пат или со воз низ тунелот:
„Едвај чекам да завршат.“
Според Агелер, и Коридорот 10 е од исто значење:
„Ќе биде клучен за економијата и сигурноста.“
Таа порача дека проектите имаат голема важност за државата и изрази искрено задоволство од досегашниот напредок.
