Ахмети и Хоџа си подадоа рака, Европската демократска партија станува дел од ДУИ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Лидерите на ДУИ и Европската демократска партија, Али Ахмети и Арјанит Хоџа си подадоа рака.

ЕДП станува дел од ДУИ, односно се согласија во иднина да функционираат како еден единствен политички субјект во рамки на Демократската унија за интеграција.

Во заедничкото соопштение на двете партии се вели:

-Поаѓајќи од јавниот повик на Демократската унија за интеграција за обединување на политичките партии кои ја делат истата визија за достоинствено претставување и политичката иднина на Албанците во Северна Македонија, денес се одржа официјална средба меѓу претседателот на ДУИ, Али Ахмети, и претседателот на Европската демократска партија, Арјанит Хоџа.

Средбата се одржа во конструктивен дух и со заемна волја за политичка соработка, со посебен акцент на потребата од обединување на албанските политички фактори околу заедничка платформа што гарантира стабилност, силно институционално претставување и унапредување на евроинтеграциските процеси на државата.

Страните се согласија во иднина да функционираат како еден единствен политички субјект во рамки на Демократската унија за интеграција, како најконсолидирана и најорганизирана албанска партија во земјава, обединувајќи ги организациските, програмските и човечките капацитети, во служба на општиот интерес на Албанците во Северна Македонија.
Официјализирањето на оваа одлука, како и организациските и процедуралните детали на интеграцијата, ќе бидат објавени по формалното одобрување од Генералниот совет на Демократската унија за интеграција.

Двете страни изразуваат уверување дека ова обединување ќе послужи како модел на политичка одговорност и единство, во функција на граѓанскиот интерес и европската перспектива на Северна Македонија.