Загрижувачко насилство меѓу младите – интернетот и недостатокот на активности го поттикнуваат насилството

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Насилството кај младите го поттикнуваат прекумерното време поминато на интернет, недостатокот на активности во реалниот живот и изложеноста на агресивни содржини. Ова се дел од наодите на проектот „Промовирање на безбедна училишна средина“, реализиран од секторот на невладини организации во соработка со Министерството за образование.

Проектот ја нагласува потребата експертите да работат не само со жртвите, туку и со сторителите на насилство. Драги Змијанац од Детската амбасада „Меѓаши“ истакна дека насилството кај нас не е само физичко, туку и вербално и сајбер насилство.

-Тешко е да се воспостави родителска контрола, уште потешко е од родител кон дете, а најтешко е триаголникот на кој инсистираме: родител–училиште–ученик. Треба да ги сензибилизираме децата кога се случува насилство, дека секое насилство создава проблем, особено кога станува збор за компромитирачки содржини-вели Драги Змијанац од Детската амбасада Меѓаши.

Извршниот директор на Коалицијата на младински организации СЕГА, Зоран Илиевски, истакна дека Законот за основно и средно образование им гарантира на учениците активно учество во ученички организации и иницијативи, што е важен чекор во превенцијата на насилството меѓу врсниците.

-Верувам дека ова е врската што треба да изгради доверба и тоа е врската што треба понатаму да се слуша во училиштето за тоа што ги интересира и што им е потребно“, изјави Зоран Илиевски, директор на Организациите за млади „СЕГА“.

Државната секретарка во Министерството за образование и наука, Елена Ивановска, оцени дека врсничкото насилство е комплексен предизвик кој бара ангажман од сите општествени чинители, нагласувајќи дека постојните закони и механизми мора реално да се спроведуваат.

-Полесно е да се напише закон на хартија во кој се вели дека учениците имаат ученички парламент, ученички правобранител… суштината е тие мерки да заживеат во пракса и драго ми е што учениците почнуваат да ја разбираат својата важна улога во градење култура и средина каде што поминуваат голем дел од своето време“, рече Ивановска.

По инцидентот во основно училиште во општина Гази Баба, каде малолетник беше повреден од свој врсник со остар предмет, министерката за образование вчера побара законски измени за казнување на родителите на деца што вршат насилство во училиштата.