Ахмети: Судење против ОВК, не против поединци – „Камен по камен тврдина се гради, збор по збор почнува беља“

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Судскиот процес во Хаг не е против поединци, туку против Ослободителната војска на Косово (ОВК – УЧК), вели првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, додавајќи дека таков заклучок добил од зборовите на обвинителот.

А.А: Според тоа што видов на почетокот – Генералниот штаб на ОВК го нарекоа „криминална група“, што не се совпаѓа со вистината!

Н: Значи не велите дека е судење против поединци?

А.А: Не сметам дека е судење против поединци.

Говорејќи околу последните дебати меѓу албанскиот премиер Еди Рама и опозицискиот лидер Љуљзим Баша за т.н. „жолта куќа“, Ахмети повика на смиреност.

„Има една многу убава народна поговорка „камен по камен тврдина се гради, збор по збор почнува беља“. Сега ние имаме потреба да градиме тврдина, не беља. Зборот не може да го победи зборот! Не ми се допаѓа оваа дебата, но се надевам дека ќе се смират странките и ќе почнат да се занимаваат со прашањето“, посочи Али Ахмети.

Првиот човек на интегративците рече дека не знае која била улогата на Љуљзим Баша во истрагите за т.н. „жолта куќа“, но вели дека уште не почетокот знаел оти поранешниот шеф на неговиот кабинет, сега вицепремиер Артан Груби бил преведувач.

Н:Дали тој беше вклучен како преведувач во истрагите кои се направени во Жолтата куќа?

А.А: Јас не сметам дека г.Груби бил истражител! Секако дека ја познавал материјата. Би било наивно да кажам дека г.Груби не ја познавал материјата кога работел како преведувач и секако дека комуницирал со луѓето кои биле сослушувани.

Судењето во Хаг, Ахмети го нарече тежок момент. Иако Специјалниот суд е изгласан од косовскиот Парламент, сепак вели дека е меѓународен орган. На прашањето – дали има доверба во меѓународната правда, одговори кусо со „секако“. Објаснува дека немало друг излез освен да се формира овој Суд, бидејќи доколку прашањето се отворело во Обединетите нации, тогаш како што уверува, последиците би биле катастрофални.