АХВ: Ќе се евтаназираат животните кај кои е потврдена сипаница, се бараат вакцини од ЕК и Турција

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) соопшти дека континуирано ја следи состојбата со појавата на вирусот на сипаници кај овци и кози и навреме ги презема потребните мерки за спречување на ширењето на болеста.

По добивање информации за сомнителни случаи во одгледувалишта, преку ветеринарните друштва се земаат примероци од животните, односно крв и брисеви, кои се испитуваат за присуство на вирусот.

Доколку болеста биде потврдена, директорот на АХВ донесува решение за спроведување контролни и заштитни мерки. Во такви случаи се пристапува кон евтаназија на заболените животни и нивно безбедно закопување.

Од АХВ информираат дека се разгледува и можноста за вакцинација. Агенцијата веќе доставила информација за можноста за донација на вакцини до Европската комисија и Турција, а експертската група продолжува со координација и носење соодветни мерки.

Дополнително, повторно е побарана помош од EUVET тимот на Европската комисија за справување со болеста.

Од АХВ посочуваат дека, доколку биде одобрена вакцинацијата, најпрво ќе се изврши тестирање на безбедноста и чистотата на вакцината, по што ќе може да започне процесот на вакцинација.

АХВ воедно предупредува дека секоја вакцинација на сопствен трошок на сточарите, без претходно одобрение од Агенцијата, ќе биде санкционирана. Во таков случај нема да се исплаќа компензација за заболените или одземените животни.