Драстично зголемување на цената на горивата: Дизелот поскапува за 6,5 денари, бензините за 4,5 денари

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Од полноќ поскапуваат горивата во Македонија. Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе одлука со која малопродажните цени на нафтените деривати во просек се зголемуваат за 4,85 проценти.

Новите цени ќе важат од 18 август во 00:01 часот.

Бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 поскапуваат за 4,50 денари за литар. Така, литар 95-октански бензин ќе се продава по максимална цена од 91,50 денари, додека 98-октанскиот бензин ќе чини најмногу 93,50 денари.

Најголемо поскапување има кај дизелот, чија цена се зголемува за 6,50 денари за литар. ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) од утре ќе чини најмногу 98 денари за литар.

Екстра лесното масло за домаќинство поскапува за 6 денари и неговата максимална малопродажна цена ќе изнесува 98,50 денари за литар.

Кај мазутот, зголемувањето е 0,188 денари за килограм, па новата максимална цена ќе изнесува 43,726 денари за килограм.

Од РКЕ објаснуваат дека поскапувањето е резултат на повисоките референтни цени на нафтените деривати на светскиот пазар. Во споредба со претходната пресметка, бензините поскапеле за 8,983 проценти, дизелот за 10,979 проценти, екстра лесното масло за 9,801 процент, додека кај мазутот растот изнесува 0,871 процент.

Во пресметката е земен предвид и курсот на денарот во однос на доларот, кој во споредба со претходната пресметка е понизок за 0,2247 проценти.

РКЕ информира дека продолжува примената на намалена акциза од 2 денари за литар кај бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и БС-98, како и намалена акциза од 4 денари за литар кај ЕУРОДИЗЕЛ.

Наведените цени се максимални, што значи дека трговците можат да ги продаваат горивата и по пониски цени од утврдените од РКЕ.