АХВ побара вакцини од ЕК и Турција за борба против болеста кај овците

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Надлежните институции бараат дополнителна меѓународна помош во справувањето со болеста кај овците, а вакцинацијата засега ќе може да започне само откако ќе бидат обезбедени и проверени соодветни вакцини.

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) информираат дека до Европската Комисија и до Република Турција е доставено барање во врска со донација на вакцини. Дополнително, повторно е побарана помош од EUVET тимот на Европската Комисија за справување со состојбата.

Експертската група продолжува со редовни состаноци и проценка на состојбата, при што се носат мерки согласно развојот на ситуацијата.

Од АХВ посочуваат дека по добивањето одговор во врска со вакцинацијата, вакцината најпрво ќе биде подложена на тестирање за безбедност и чистота. Доколку ги исполнува потребните услови, ќе се пристапи кон вакцинација на животните.

До тогаш, надлежните ја применуваат стратегијата „stamping out“, која предвидува отстранување на заразените и животните кои биле во контакт со болеста, со цел да се спречи нејзиното понатамошно ширење.

АХВ и МЗШВ воедно упатуваат сериозно предупредување до сточарите дека самоволна вакцинација без претходно одобрение од Агенцијата ќе биде санкционирана. Во таков случај нема да се врши компензација за заболените животни, ниту обештетување за животните кои ќе бидат одземени.

Истите правила важат и за ветеринарните друштва кои би спроведувале незаконска вакцинација или не би ги извршувале активностите од јавен карактер.

Надлежните ги повикуваат сточарите навремено да ги пријавуваат сите случаи кај кои постои сомнеж за болеста и да соработуваат со официјалните ветеринари при спроведувањето на мерките за депопулација.

Во меѓувреме, АХВ ги демантира наводите за некоординирано постапување со одземените овци во селото Соколарци. Од Агенцијата објаснуваат дека местото прикажано на видео обраќањето било локација на која, согласно биосигурносните процедури, биле закопани еутаназираните овци и кози.

Според надлежните, животните биле покриени со соодветен слој земја, а локацијата била дезинфицирана и означена како место каде постои опасност од заразна болест.

Од АХВ и МЗШВ тврдат и дека дел од пронајдените животни потекнувале од одгледувалишта каде што болеста веќе била присутна, а кај одредени сточари имало случаи на користење вакцини кои биле нелегално набавени од Турција.

Институциите посочуваат дека отстранувањето на угинатите животни е во надлежност на локалната самоуправа, која треба да обезбеди соодветно постапување.

Воедно, предупредуваат дека непочитувањето на биосигурносните мерки и постапувањето надвор од официјалните процедури може дополнително да придонесе за ширење на болеста во подрачја каде што таа досега не е потврдена.