АХВ спроведува вонредни анализи, последните резултати покажале дека водата во Гостивар била безбедна за пиење

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По појавата на зголемен број граѓани кои во изминатите десетина дена се пожалиле на стомачни проблеми, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) побара да се извршат вонредни контроли на водата за пиење која се дистрибуира преку градскиот водовод во Гостивар.

Од Одделението за хигиена и здравствена екологија при Центарот за јавно здравје – Гостивар потврдија дека вчера била извршена вонредна контрола и биле земени примероци од четири мерни точки.

„Што се однесува до водата и актуелната состојба, освен редовните анализи, направивме и вонредни испитувања. Последните анализи кои ги спроведовме во понеделникот беа добри, односно физичко-хемиските и микробиолошките параметри беа во ред. Вчера земавме и дополнителни примероци за вонредни анализи, но за резултатите ќе треба да почекаме до утре или евентуално до понеделник. Во моментов не можеме да кажеме ништо конкретно за нив“, изјави за МИА д-р Берун Мустафа, специјалист по хигиена во Центарот за јавно здравје во Гостивар.

Од Општата болница „Ферид Мурад“ информираа дека на Инфективното и Детското одделение има зголемен број прегледи и граѓани кои се жалат на дијареја, болки во стомакот, повраќање и висока температура.

Според првичните наоди и клиничката слика, најверојатно станува збор за сезонски вирусни инфекции, а засега нема епидемиолошка поврзаност меѓу случаите.

Лекарите препорачуваат граѓаните да внимаваат на хигиената и секојдневните навики, особено во летниот период кога високите температури го зголемуваат ризикот од цревни инфекции.

„Граѓаните треба да бидат внимателни поради зголемениот број заболувања на цревата, без разлика дали причината е водата или храната. Пред сè, не треба да консумираат храна која може да предизвика вакви заболувања, како производи кои не се доволно термички обработени. Храната треба да биде свежа, овошјето и зеленчукот добро да се мијат пред употреба. И секако, водата треба да се користи од извори за кои граѓаните сметаат дека се безбедни“, порача д-р Мустафа.

Од Центарот за јавно здравје посочуваат дека последните три анализи на водата од гостиварскиот водовод, направени во изминатиот месец, покажале дека водата била здравствено исправна и безбедна за употреба.