Ајварот годинава станува луксуз, поскапе пиперката, зејтинот – внимавајте, може и казна да добиете

НАЈНОВИ ВЕСТИ

50 денари по килограм е почетната цена на пиперот за ајвар која пазарџиите велат дека ќе биде и повисока по периодот што следи. Домаќинките затекнати од скоро двојно зголемената цена, па се во дилема дали да прават ајвар или да си купат готов .

„Многу е висока цената 50 денари. Лани 30 денари за килограм. По 90 кг земам, 20-25 тегли така ми излегува. По две кила пипер оди во една тегла. Па јас сега купувам од маркет, 50 ден. е многу не се симнати цените. Домашен е повкусен, само поскап“.

„А готово направивме. Поскапена е. Некаде 2 000 за пиперот, за мастравот, за 20-тина тегли да направиш, скапо е ама тоа е ама ние сме навикнати со пипер“.

„Поубав е дома. Јас правев со 20 килограми 1000-ка ме чинеше, со модар патлиџан со се друго“.

„Па има, не многу ама има заинтересирани. Малку е поскап од лани ама се е поскапено, семињата, препаратите, ѓубрињата, нормално ќе биде и пиперот малку поскап“. 

Според кажувањето на дел од анкетираните ако два килограми се потребни за една тегла ајвар, со сегашната цена, една тегла би чинела 100 денари без останатите потребни намирници. Цената на една тегла ајвар на Бит пазар е 150 денари, но во маркетите достигнува и до 300 денари. Ајварот може да ве чини и 150 евра, бидејќи користењето на јавните површини за приготвување зимници од аспект на уништување на јавните површини е забрането, уште од 2008-та година. Постапувањето по пријави за правење зимница на јавна површина е по членот 14а алинеа 10 од законот за јавна чистота.

„Член 14-а Заради обезбедување на јавна чистота на јавни површини е забрането: – палење, закопување и уништување на смет, казниво по Член 33-а .Глоба во износ од 150 евра во денарска противвредност во постапка за издавање на прекршочен платен налог ќе му се изрече на физичко лице за прекршок, ако постапува спротивно на одредбите од членот 14-а од овој закон. Законот за јавна чистота е донесен 2008 година последна измена е направена во 2021 година“, вели Мирослав Богдановски.

Од инспекторатот велат дека веќе се постапува по пријави од граѓани каде се пријавува за спалување не делови од паркети и останат кабаст отпад што штетно влија врз квалитетот на воздухот. Постапувањето на комуналната инспекција е исклучиво на јавна површина.