Премиерот Зоран Заев од Пробиштип, одговорајќи на новинарско прашања, истакна дека ако Бугарија не ги смени ставовите кон нашата земја, можеби ќе треба да се подготвиме дека ќе нема меѓувладина конференција во декември, а со тоа и нема да почнат преговорите на Северна Македонија со ЕУ.
„Разговорите меѓу министерот за надворешни работи Бујар Османи и премиерот Бојко Борисов беа добри, но разговорите меѓу министерката Екатерина Захариева и министерот Османи не беа баш добри. Тоа што е предложено од таа страна ниту е добрососедство, ниту е братство, а најмалку европски и ако тоа така остане треба да го подготвиме нашиот македонски народ дека може да не отпочне првата меѓувладина конференција која што ја очекуваме во декември“, кажа Заев во Пробиштип.
Тој кажа дека во следните денови очекува да најде решение, со, како што го нарече, „мојот брат Бојко“.
„Ние ќе направиме сè да најдеме решение. Ние ја прифативме заедничката историја или општата историја како што ја викаат во пријателска Бугарија. Ние имаме и посебна историја и убеден сум дека постојат решенија на проблемите. Ќе изнајдеме јас и мојот брат Бојко решение. Решивме пет историски личности и три историски периоди и верувам дека и овој следен четврти ќе го решиме“, истакна Заев.
