Минималната плата да биде 60% од просечната плата или да изнесува 18.000 денари. Но, не само минималната, туку и скалесто да растат сите плати е барањето на Сојузот на синдикати на Македонија кое го доставиле до Владата пред девет месеци.
„Евидентно е зголемувањето на цените на во сите маркети продавници, вклучително и на пазарите и затоа евидентно мора да се покачи и платата. Тука не зборам само за минималната плата, туку зборувам скалесто да растат сите плати согласно колективните договори по дејности или гранки, бидејќи е неопходно како што самите знаете секаде сè расте, а не можат платите да останат исти“, истакна Дарко Димовски.
Доколку не дојде до покачување на платите, работникот ќе нема егзистенција. Како последница на тоа ќе настане социјална анархија, која би резултирала со штрајк – објаснува Димовски.
Со цел да ги задржи работниците во државава Владата најавува дека ќе има зголемување не само на минималната, туку на сите плати. Па, така со две минимални плати од по 18 000 денари граѓаните ќе можат да ги покријат основните трошоци за живот кои изнесуваат 34 000 денари според потршувачката кошничка.
„Премиерот најави дека до крајот на годината минималната плата ќе биде 18.000 денари. Истото е утврдено и преку дијалог и во согласност со социјалните партнери, а следејќи ги социо-економските показатели во овој период“, вели Душко Арсовски.
Основен принцип не само на економијата, туку и животен принцип е паралелно со цените на прозиводите да растат и платите, објаснува економистот Бранимир Јовановиќ. Според неговите економски прогнози следната година веќе нема да има инфлација и не смее да се дозволи за оваа што ја имаме цената да ја платат повторно работниците. Со тоа само ќе се зголеми сиромаштијата. Товарот треба да го носат оние што можат, а тоа се богатите, големите фирми и оние кои профитираа во кризата.
„Не може товарот на ваквите кризи стално да паѓа на грбот на работниците. Слушам дека многумина економисти кажуваат дека на тој начин би се направила спирала и дополнително ќе се генерира инфлација, бидејќи платите ќе направат инфлација, апсолутно не се согласувам со тоа, бидејќи инфлацијата што сега ја гледаме е детерминирана од цените на енергенсите. Тие цени не се очекува да бидат високи постојано, се очекува наредната година можеби на почетокот моќеби на средината да се намалат и кога тоа ќе се случи инфлацијата ќе падне“, вели Бранимир Јовановиќ.
Порачува дека Владата треба да донесе поширок сет мерки. Не само ограничување на цените, туку и директна помош на ранливите категории на граѓани по примерот на некои европски земји и поактивно вклучување на државата.
