Активна блокада со седење во ходници, Собранието без кворум, Џафери 1 и пол час ја чекаше опозицијата да влезе во сала

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Цел час и половина претседателот на Собранието Талат Џафери ги чекаше пратениците да се соберат за да ја почне седницата, но кворум не се обезбеди бидејќи опозицијата не влегуваше во салата. Мнозинството и покрај обидите да обезбеди доволен број пратеници во тоа не успеа, а сето тоа го следеа опозициските пратеници кои беа пред вратите на салата. Џафери неколку пати ги повикуваше да влезат.

„За последен пат ги повикувам пратениците кои што се по ходниците на Собранието да влезат во салата. Почитувани граѓани денешната седница е закажана на 26 мај 2020 година која што требаше да се одржи во 11 часот. На денешната седница се потпишани 97 пратеници но тие не влегуваат внатре. Јас ги чекам еден час и 30 минути затоа ја прекинувам работата на оваа седница“, рече Џафери.


Од СДСМ со став дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ се однесува лицемерно со тоа што поднесува закони, а не влегува во сала за да дискутира за нив. За тоа зошто пратениците од мнозинството не беа сите тука и со тоа да се обезбеди кворум, пратеничката Санела Шкриељ рече дека дел од нив биле болни.

„Толку се лицемерни што денес не се одважија да присуствуваат и да дискутираме за нивните предлози. Денес наутро пред почнување на седницата држат пресови и глумат наводна загриженост да се донесат нивните предлози а напладне веќе ги гледавме по ходниците и не влегуваа во салата за да започне расправа за истите предлози. Од мнозинството имаше присутни 60 пратеници, беше најавено и колегите од опозицијата тоа го знаат дека имаме пратеници кои што имаат здравствени проблеми“, рече Шкриељ.


Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои седеа во ходникот само кратко искоментираа дека мнозинството не можат да обезбедат доволен број пратеници за да ја започнат седница, а дека тие немаат намера да влезат и да им направат кворум. Во салата не влегоа ниту пратениците на Алијанса за Албанците.


-Ние сме тука, пратениците на Алијанса за Албанците се тука. Во собраниска процедура испрати неколку закони, како што веќе сте запознаени, Законот за игри на среќа и два други предлога за основно и средно образование. Меѓутоа, не сме тука за да заменуваме пратениците кои не им остануваат „верни“ на гласовите што ги добија од граѓаните. Обврска е на парламентарното мнозинство да обезбеди кворум, а Алијанса за Албанците секогаш е тука да поддржи позитивни процеси кои се во полза на граѓаните, а не да деструктивно и недолично однесување на пратениците од парламентарното мнозинство, рече Илире Даути од АА.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ веќе извесен период спроведува активна блокада во Собранието со тоа што доколку нема потребен број пратеници да се почне седница не влегуваат во салата, а доколку се обезбеди кворум, тогаш доаѓаат на седница и постојано се јавуваат за дискусии, главно процедурални забелешки, со што се оневозможува да се изгласа дневниот ред. Таков случај беше и со вчерашната седница која траеше до3 часот по полноќ кога се успеа само да се усвои дневниот ред.