„Копачка“ – македонското оро под заштита на УНЕСКО, младите во Делчево повикани да ја продолжат традицијата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со едукативна презентација во средното училиште „Методи Митевски – Брицо“ во Делчево, денеска беше одбележан Меѓународниот ден на нематеријалното културно наследство, со посебен акцент на зачувувањето на автентичното пијанечко оро „Копачка“, кое е дел од светското културно наследство на УНЕСКО.

Настанот, организиран во соработка со фолклорната група „Копачка“ од селото Драмче, имаше цел да ја поттикне младата генерација активно да се вклучи во негувањето и пренесувањето на традицијата.

Претседателката на групата, Перса Стојановска, ја истакна важноста од зачувување на орото и запознавање на младите со неговото културно значење, историја и автентични чекори.

Градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, порача дека традицијата не претставува само наследство од минатото, туку и обврска кон идните генерации.

„Народот што ги чува своите корени знае каде припаѓа, а народот што им ја пренесува традицијата на своите деца знае и каде оди“, истакна Гоцевски.

Во рамки на презентацијата беше претставена и историјата на фолклорната група, основана во 1948 година, како и активностите за зачувување на „Копачка“, меѓу кои изработка на документарни филмови, монографии и меѓународни претставувања.

Настанот заврши со порака до младите да станат дел од фолклорната традиција и да придонесат за зачувување на македонското културно наследство и идентитет.