Засилени полициски контроли во угостителските објекти на подрачјето на Тетово резултирале со пронајдена дрога, ножеви и приведување на четири лица.
Од СВР Тетово информираат дека акцијата била спроведена во периодот од 23:30 часот на 17 јули до 02:00 часот на 18 јули 2026 година, при што полициски службеници извршиле проверки во повеќе угостителски објекти на територијата на СВР Тетово.
При контролата во еден угостителски објект во Тетово, во задниот дел од објектот биле пронајдени две ќесиња со бела прашкаста материја, за која постои сомнение дека станува збор за наркотична дрога.
Во рамки на контролите во други објекти биле приведени четири лица. А.А. (23) од село Ново Село бил лишен од слобода поради омаловажување на полициски службеници при извршување на службените дејствија.
Во исто време, Е.Р. (29) од село Камењане, С.А. (24) од Гостивар и С.Ј. (59) од село Голема Речица биле приведени откако кај нив биле пронајдени ножеви.
Од полицијата информираат дека по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни пријави.
