Можно ли е на црната листа на Соединетите АмериканскиДржави да се најдат и актуелни функционери, по неодамнешната посета на американскиот тим за санкции. Вицепремиерката Славица Грковска деновиве изјави дека нејзиниот Кабинет иницирал три постапки поврзани со злоупотреби од страна на функционери. На одреден начин и претседателот на државата Стево Пендаровски вчера во годишниот говор во Собранието го посочи тоа кога рече дека нема да има правда се додека нема актуелни политичари во затвор за корупција. Премиерот Димитар Ковачевски за ова со кратки одговори, вели дека е можно.
„Не е исклучено. Јас со истражители на сум се видел, така што… Грковска нема кажано дека има поднесено кривични пријави колку што знам туку дека до неа имало пријави кои што после таа ги спроведува согласно нејзините надлежности до надлежни институции“, вели Димитар Ковачевски.
Поттикнати од последната одлука на Апелација за поништување на судската одлука за Сашо Мијалков за случајот Таргет Тврдина, по која во јавноста имаше големи реакции за таквата одлука на апелационите судии, вчера и претседателот Пендаровски рече дека нема да има правда се додека се на слобода судиите и обвинителите кои носат скандалозни одлуки, а зад кои најверојатно стојат коруптивни мотиви. Ковачевски иако рече дека не сака да коментира изјави, сепак додаде дека се согласува со таквиот став.
„Во однос на делови од излагањето на претседателот не би сакал да го коментирам, бидејќи се работи сепак за обраќање на претседателот, меѓутоа можам да кажам дека со визијата за Северна Македонија како европска држава, во која што владее економски просперитет, во која што владее социјална правда и во која што владеат редот и правдата и во која што владее врвна демократија а тоа е земја членка на Европската унија, се согласувам со претседателот“, вели Димитар Ковачевски.
И последното истражување на ИРИ покажува дека граѓаните имаа многу низок степен на доверба во судството и обвинителството.
