Во текот на подготвување на новороденче за испис од болница, акушерка ненамерно му пресекла мал дел од палецот во текот на отстранување на фластерот над канила. Ова се случило во Клиниката за гинекологија и акушерство, во Клинички центар – Мајка Тереза во Скопје, по што веднаш интервенирал хирург, кој му ја санирал раната и новороденчето нема да има последици.
„Дежурниот педијатар постапил максимално професионално и одговорно и веднаш е повикан детски хирург. Новороденото е префрлено на Клиниката за детска хирургија, каде му била санирана повредата. Акушерката била суспендирана, дадена на Дисциплинска комисија и ѝ била изречена максимална казна според Законот за здравствена заштита, како и промена на работното место.“, велат од ГАК.
Прашан во врска со ова, Министерот за здравство, Фатмир Меџити, рече дека нема информации, иако случајот се случил на 1 декември.
„Искрено немам такви информации, веднаш ќе прашаме но знаете дека сите тие здравствени установи имаат менаџери и дисциплински комисии и според нив тие така си одлучуваат, но како и да е ќе бидеме информирани поточно.“, изјави Меџити.
Инаку од ГАК денеска известија дека акушерката веќе е суспендирана од работа.
