Додека Македонија продолжува со внатрешните политички спорови околу евроинтегративниот пат, Албанија бележи значаен чекор напред во процесот на интеграција во Европската Унија, по завршувањето на 8. Меѓувладина конференција, на која беше оценет напредокот во клучните реформи во владеењето на правото и правосудството. Премиерот Еди Рама изјави дека соработката со европските институции во областа на владеењето на правото станува сè подлабока и пофункционална. Тој нагласи дека албанската администрација е сè поангажирана во процесот на интеграција и дека европскиот пат на Албанија е неповратен. Од друга страна, еврокомесарката за проширување Марта Кос го поздрави напредокот на Албанија, истакнувајќи дека земјата има исполнето важни точки во реформата на правосудството и владеењето на правото. Кос изјави дека Албанија влегува во нова фаза на преговорите, со јасно утврдени цели и пакети за затворање на поглавјата. Според неа, овој напредок создава цврста основа за завршување на преговорите во наредните години, со цел процесот да се затвори до 2027 година.
„Tука сме за да означиме голем чекор на Албанија во процесот на членство. По Црна Гора во 2024 година, Албанија е втора од нашите земји кандидати што ги исполнила меѓуфазните точки за владеење на правото, утврдени во октомври 2024 година. Ова е достигнување за почит и резултат на долга работа што не се реализира преку ноќ. Кога ги потврдуваме овие меѓуфазни точки за владеење на правото, потврдуваме дека работата во оваа област во последните години била успешна“, рече Кос.
„Нашиот европски пат е неповратен и сето ова е основа за повисоки плати, подобри работни места, поголеми инвестиции и слично. Без да навлегувам во повеќе детали, сакам само од срце да ѝ се заблагодарам на Европската комисија, затоа што таа е чувар што ни помага на секој чекор да разбереме што треба да направиме и како да го направиме, и тоа ја прави ЕУ благослов за земја како нашата“, изјави Рама.
