Албанската опозиција не попушта – Заев подготвен за лидерска средба за деблокада на Собранието

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Албанската опозиција упорна, Собранието нема да се деблокира се додека не се најде решение за нивниот предлог закон за државјанство. Претседателот на парламентарната група на коалицијата Алијанса/Алтернатива, Скендер Реџепи рече дека е убеден дека многу брзо државниот врв ќе земе обврска да се сретне со партиите за да се најде решение.

„Ние ќе продолжиме со блокада на собранието и комисиите со амандмани се додека не седнеме да дискутираме за прашањето за државјанство. Нема воопшто да престанеме. Овој реципроцитет не запира независно од притисоците кои може да дојдат од било кој агол“, истакна Скендер Реџепи.

Предлог законот не по секоја цена треба да помине така како што е предложен, затоа Реџепи вели дека како коалиција се подготвени да седнат и да разговараат. Премиерот Заев исто така е подготвен да преговара, дури и на лидерска средба.

Што се однесува до законот за државјанство предложен од албанската опозиција, Заев и натаму го повторува ставот дека сакаат решение за оние кои се без државјанство, но само со документ како доказ, а не само со тројца сведоци.

Заев вели дека за него не е проблем тоа што опозициската коалиција Алијанса/Алтернатива предлагаат закон, но претходно професионалните служби од оваа област да кажат кое е решението. И албанската опозиција исто така постојано покажува дека е отворена за компромис, а појаснуваат дека прашањето за тројца сведоци важи само за тие кои немаат никаков документ како доказ. Според нивниот прелог три лица да можат да посведочат дека на денот на независноста, лицето за кое станува збор, било жител на Македонија.