“Мислам дека ќе има и Албанци“, вака одговори заменик министерот за внатрешни работи назим Буши на прашање на ТВ21 за тоа кога ќе има Албанци во антитерористичката специјална единица Тигри. Тој појасни дека во моментов тече конкурс и дека е оптимист дека по 41 година од формирањето на Тигрите ќе има и припадници Албанци.
„Во единицата Тигри во моментов заврши внатрешниот конкурс и сега следи конкурс во Идризово, кадетите кои се таму, имаме околу 20 предвидено но треба да поминат обука. Мислам дека ќе имаме и Албанци“, истакна Назим Буши.
Иако можеби ќе има Албанци во единицата Тигри, униформите нема да бидат двојазични, односно и на албански јазик,изјави минатата недела министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Но неговиот заменик Буши денеска рече дека тоа останува да се види.
„Владата донесе едногласно измени на Декретот согласно законот за употреба на албанскиот јазик, меѓутоа спроведувањето ќе биде согласно законот и Рамковниот договор. Така што, ќе видиме“, додаде Назим Буши.
Во законот за употреба на јазиците, што се однесува до униформите, во член 8 од законот се вели дека албанскиот јазик треба да се употребува на униформите на полицијата, војската, царината, пожарникарите, во здравството, во Скопје и општините во кои најмалку 20% од граѓаните говорат албански јазик.
