Состојбата со блокадата на Македонија и непочнувањето на преговорите со Европската унија, не треба да го загрози натамошното имплементирање на Преспанскиот договор, вели во интервју за ТВ21 поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас.
Тој вели дека е разочаран од ваквиот исход особено поради тоа што Бугарија е главната причина за тоа.
„ЕУ останува на ставот за влез, но и има тежок развој, главна причина- Бугарија. Сакам да се надевам дека ова ќе се промени во следниот период. Бугарија треба да разбере дека во рамките на европското семејство не може да продолжи со негирање, туку со поврзување“, истакна Алексис Ципрас.
Ципрас смета дека Преспанскиот договор и натаму ќе биде документ кој ќе гарантира просперитет не само за Македонија и Грција, туку за целиот регион. Изразувајќи се сликовито за функционирањето на ЕУ Ципрас вели дека управува голем брод и поради тоа врти споро, лево-десно. Но сепак упати порака дека треба да биде порешителна во одлуките.
„ЕУ во надворешната политика треба да биде порешителна. Не треба да си влијателен , да си сила – моќ на светската карта, а да не можеш да си ги решиш проблемите во соседството. Мислам дека не постои друг избор за земјите на Западен Балкан освен да настојуваат и не постои друг избор за ЕУ освен да продолжи со одлуките кои се однесуваат за проширувањето, процес на проширување за земјите од Западен Балкан“, посочи Алексис Ципрас.
Во интервјуто за ТВ21 Ципрас големо внимание посветува на значењето на Преспанскиот Договор и оттука тој порачува да се земе за пример и во постигнување решение меѓу Србија и Косово.
„Мислам дека е и порака за сите долготрајни разлики и несогласувања и верувам дека Србија и Косово треба да го слушнат духот на Преспанскиот Договор, односно да се обидат за взаемно прифатливо решение“, додава Алексис Ципрас.
Ципрас обелодени дека со премиерот Заев имаат и натаму контакти, а дека ќе се сретнат и за време на неговиот годишен одмор на Халкидики. Ќе имаме една релаксирана средба а веројатно ќе се потсетиме на тешките моменти, но и да поразговараме за иднината изјави Ципрас во интервјуто за ТВ21.
