Се погласните најави дека е можно во Владата да влезе Алијанса за Албанците ги отвора калкулациите за засилување на мнозинството во парламентот кое ќе биде потребно за гласање на уставните промени со оглед на фактот што партијата има 8 пратеници. Премиерот Димитар Ковачевски сепак негира дека е во преговори, но во истовреме покажува наклонетост кон ставовите на оваа опозициска партија.
„Тоа е политичка партија која што во својата програма која што во своите јавни настапи има добар дел од ставови кои што се прогресивни во делот на продолжување на европскиот пат на државата, во делот на борбата против корупцијата и владеењето на правото и сметам дека тоа е добро, меѓутоа во моментов не се разговарало за конкретна соработка во дел на приклучување кон Владата. Но ме радува дека ставовите кои што се однесуваат на иднината на државата имаат поддршка во партијата Алијанса на Албанците“, вели Димитар Ковачевски.
Пред два дена, по завршувањето на лидерската средба, вд претседателот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари, одбегна конкретно да одговори дали е во преговори за влез во власта. Но Таравари со неговата изјава дека тоа може да биде тема на дискусија, отвора широка врата за преговори со премиерот Ковачевски.
„Не би го дискутирал тоа, не беше ни тема на дискусија моментално така да не би ја дефокусирал јавноста од тоа што се случува. Може да биде тема на дискусија меѓутоа денеска не зборувавме воопшто за тоа. Зборувавме за европската иднина на Македонија, воопшто не зборувавме за ново мнозинство“, вели Арбен Таравари.
Но доколку сепак се случи договор за влез на Алијанса за Албанците во Владата, тоа би значело и ситнење на опозицијата, за која претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски постојано вели дека се зајакнува. Иако вели дека тоа е сепак нивна одлука, Мицкоски истовремено оценува и дека тоа не би бил мудар потег на партијата.
„Алијанса за Албанците ја сметам како опозициска партија. Тие имаат свое раководство и органи на одлучување и доколку тие одлучат дека треба да влезат во Владата тоа значи дека ги споделуваат сите вредности на оваа Влада а оваа Влада реков зошто е потребно да замине и зошто се потребни предвремени парламентарни избори. Лично мене ако ме прашате не мислам дека е тоа мудар потег“, вели Христијан Мицкоски.
Владата е во обид за зголемување на парламентарното мнозинство за усвојување на уставните измени со внесување на Бугарите во Уставот за што е потребно двотретинско мнозинство. Со 8-те пратеници на Алијанса за Албанците владејачкото мнозинство ќе брои 72 пратеници, што е недоволно од потребните 80 гласа за уставните измени.
