Алијанса во исчекување на понудата – ако ја добијат, ќе изработат конкретна платформа

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Алијансата за Албанците се уште чека конкретна понуда од извршната власт за нејзино можно вклучување во Владата. Од оваа партија потенцираат дека во случај на каква било понуда ќе се состави конкретна платформа со барања, како одговор до извршната власт.

„Се уште немаме конкретна понуда или разговори. Сигнали има, слушнавте од самите владини претставници дека се заинтересирани. Но, доколку има некакво барање или предлог за наше вклучување во Владата, ќе составиме конкретна платформа, владејачка програма со точките кои ги оценуваме дека се важни за граѓаните и за државата и ќе ви ја презентираме како одговор. Ако се согласат да ги направат тие промени, проекти, напредок, ќе размислиме да преземеме одговорности, ако не, не сме за други пазарења“, велат од АА.

Политичките партии во јавните изјави наведуваат дека проширувањето на парламентарното мнозинство е мисија и обединување за европските процеси и нема врска со партиски интереси. Иако веќе се шпекулира за некои министерства  кои може да добие АА, првиот човек на ДУИ Али Ахмети одбива да признае дека разговарале за поделба на ресори или министерски места, кои би му припаднале на овој политички субјект доколку успее да стане дел од мнозинството.

„Не се разговараше детално, не се разговараше. Тоа се мали прашања во однос  мисиите што ги имаме пред нас“, вели Али Ахмети.

Ахмети рече дека премиерот Димитар Ковачевски и првиот човек на Алијансата за Албанците Арбен Таравари се во комуникација за ова прашање.

„Овој развој на настаните не е поврзан со теснопартиски интереси, едноставно е поврзан со обединување на политичкиот фактор за европските процеси. Господинот Ковачевски е во разговори со првиот човек на Алијансата, детали се уште не се разговарани. Важно е страните да ја изразат својата волја за процес кој бара обединување и  координација“, додава Али Ахмети.

Неофицијално, се дознава дека АА првично побарала четири министерства, Владата им понудила две, додека засега се дознава дека најверојатно како конечен договор на АА ќе и бидат доделени 3 министерства. ТВ21 од свои извори дознава и дека АА најверојатно ќе треба да избира меѓу Министерството за здравство, правда, земјоделство, образование и животна средина. Ако АА евентуално побара две министерства  од една иста партија, тогаш СДСМ и ДУИ ќе си разменат меѓу себе ресори.