Кривичен суд за „Титаник 3“ ги осуди со 3.5 години затвор функционерите на ДУИ, Ејуп Алими и Исмет Гури.
Ејуп Алими и Исмет Гури се прогласени за виновни за уништување на изборниот материјал во локалните избори во 2013 година во Чаир, каде според Судот манипулирале со точните резултати на гласовите, односно го зголемиле бројот на гласови на ДУИ, а го намалиле бројот на гласови на ДПА и ВМРО-ДПМНЕ.
На суд не присуствуваше обвинетиот Ејуп Алими.
Адвокатите, Еленко Миланов и Мефаил Арслани, изјавија дека пресудата ќе ја обжалат во Апелација.
Обвинението е покренато од СЈО, но по настаните со Специјалното обвинителство, предметот го презема Основното обвинителство, но со истите обвинители, Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски. Во текот на седницата, обвинителката Фатиме Фетаи, побара од судското тело мерка на претпазливост Гури и Алими да не можат да го напуштат градот на живеење, но судското тело го одби тоа. Како мерка на претпазливост, судското тело одлучи да им се одземат пасошите на Гури и Алими и истите да не можат да ја напуштат државата по вонредната состојба.
Во реакцијата за пресудата од ДУИ велат дека нивната партија става крај на Сваровски и Луј Витон правдата.
Ние продолжуваме силно да го поддржуваме правилното владеење на правото, и за да стигнеме до европска правда, треба да ја искорениме селективната политички и етнички мотивирана правда со одлуки кои се основаат на нарачки а не на закон. Неселективната правда се постигнува преку целосен Ветинг на обвинителите, судиите и политичарите, велат од оваа партија.
