Алтернатива го повлече името на Садики-Шаини – нема да биде заменик министерка на Стоилковиќ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Коалицијата ВРЕДИ, поточно партијата Алтернатива, ја повлече одлуката Сафије Садики-Шаини да биде заменик министер во Министерството за односи меѓу заедниците. Овој нивен чекор доаѓа откако официјално вчера, со доставување на имињата на министрите до Собранието, Мицкоски предложи Иван Стоилковиќ, претседателот на  Демократска партија на Србите, да биде министер за односи меѓу заедниците, односно ресорот каде Садику -Шахини требаше да биде  заменик министер.

„Сафије Садику Шахини нема да биде заменик министер во Министерството за односи меѓу заедниците, туку во Министерството за спорт“.

Орхан Муртезани ја потврди одлуката за повлекување на името на Сафије Садику-Шахини, но кога беше прашан, тој не даде образложение за причините. За ова повлекување го прашавме и мандатарот, Христијан Мицкоски, кој рече дека не ги знае имињата на зам.министрите и дека консултациите меѓу коалициските партнери се уште траат.

Генералниот секретар на Алтернатива, Зекирија Ибрахими, пред неколку дена во DailyClick зборуваше  за именувањето на Стоилковиќ.

„Не е добра вест, секако дека ние не го поздравуваме изборот на Стоиљковиќ за министер во оваа влада. Секако дека реториката на Стоиљковиќ не е воопшто пригодна ниту за нас како Албанци ниту за државата, Северна Македонија ниту за добрососедските односи со Косово“, вели Зекирија Ибрахими.

Сепак, иако не се согласуваат со ова назначување, Ибрахими рече дека ВРЕДИ не може да се меша во одлуките на Мицкоски за министрите, како што Мицкоски не може да навлегува во одлуките на ВРЕДИ за имињата за кои одлучуваат. Истото го кажа и мандатарот Мицкоски.

Одговарајќи на обвинувањата упатени кон Стоилковиќ за проруски позиции и други прашања, Мицкоски рече дека секој министер од неговата Влада треба да има промакедонска позиција, а тоа, според него, значи стратешка ориентација на Македонија, моќен партнер на НАТО и земја која еден ден  ќе биде дел од ЕУ.

Стоилковиќ се обвинува за поддршка на руската политика, додека неодамна ја нарече декларацијата на Обединетите нации за геноцид во Сребреница „некрофилски Дизниленд“. Ова предизвика реакции кај бошњачката заедница во Македонија, што доведе до поднесување кривична пријава против него.