Еден од актуелните владини партнери – Алтернатива, не е толку оптимистички настроена кога станува збор за евентуалниот влез на Алијансата за Албанците во Владата.
Поразговаравме со портпаролот на оваа партија, Орхан Муртезани, кој покрена сомнежи околу тоа дали АА со наводната борба против корупција сака да влезе во Владата за да го спаси претседателот на ДУИ.
Тој дури и ја предизвика партијата на Таравари – кога ќе го разгледуваат прашањето за пристапување во извршната власт, да го усвојат и амандманот на Алтернатива за спречување на застарување на кривичните дела поврзани со политичката корупција.
ТВ21: Г.Муртезани, кој е Вашиот став околу можниот влез на АА во Владата?
„Ако AA одлучи да влезе во Владата за да го спаси Али Ахмет, тоа е нивно прашање, но не е добро што се обидуваат да го камуфлираат тоа со нивната наводна подготвеност да се борат против корупцијата и да ѝ помогнат на земјата на патот кон ЕУ. Еве и еден конкретен предлог до нив: кога ќе се сретнат за да одлучат за евентуалното влегување во Владата, нека го усвојат и амандманот на Алтернативата за спречување на застарување на политичката корупција и со тоа нека покажат на дело дека имаат потенцијал да се борат против корупцијата. Што се однесува до оние кои „трубат“ за пристапувањето на АА во Владата, би било добро да ѝ објаснат на јавноста дали има некаков план да се обезбеди бројката од 80 пратеници за уставните измени и дали тоа ќе предизвика распарчување или намалување на коалицискиот потенцијал кон ЕУ“.
ТВ21: Министерството за здравство е еден од ресорите кој се спомнува доколку АА донесе одлука да влезе во Влада. Кој е Вашиот став по ова прашање, бидејќи токму кадар на вашата партија раководи со ова министерство?
„Вреди да ја потсетиме јавноста дека во моментов кога влеговме во Влада земјава немаше парламентарно мнозинство и покрај тоа што обезбедивме парламентарно мнозинство, овозможивме и отворање на преговорите со ЕУ. Во овој правец ние имаме договор за заедничко владеење до 2024 година. Сѐ додека нема некоја конкретна промена во оваа насока, не можеме да коментираме“.
ТВ21: Дали би биле подготвени да го напуштите овој или некој друг ресор, бидејќи владиниот колач ќе треба да се менува, односно да се дели?
„Уште еднаш истакнувам дека имаме договор за заедничко владеење кој трае до изборите во 2024 година и ние се придржуваме на овој договор. Ако евентуално нешто се промени во оваа насока, тогаш партиските органи се тие кои мора да донесат поинакви одлуки“.
ТВ21: Во овој случај, колку размислувате за можноста за напуштање на Владата?!
„Како што кажав, ние не влеговме во Владата за потоа да ја напуштиме или да ја дестабилизираме. Влеговме во Владата за да ѝ помогнеме со нашиот кадровски потенцијал, како што ѝ помогнавме да го започне преговарачкиот процес со ЕУ, како што ѝ помогнавме да се справи со енергетската криза и пандемијата, истото го правиме и сега. Значи, целиот наш потенцијал го ставивме во функција за да ѝ помогнеме на Владата и да го финализираме договорот за заедничко владеење до 2024 година“.
ТВ21: Сето ова што се шпекулира за можното влегување на АА во Владата е околу она што сега се нарекува „Алијанса за Европа“. Што ако вашите евентуални несогласувања околу влезот на АА во Владата го нарушат европскиот пат на земјата, особено до ноември?
„Како што истакнав и претходно, добро е оние кои што „трубат“ за влезот на АА да објаснат дали со тоа се гарантира бројката од 80 пратеници. Ако не, тогаш излегува дека се намалува коалицискиот потенцијал на патот кон ЕУ. Потребни се 80 пратеници за во Парламентот да се изгласаат уставните измени, а не 80 пратеници да бидат дел од владиното мнозинство“.
ТВ21: Во иднина, без оглед на развојот на настаните што може да се случат, дали ќе бидете или не дел од Владата, останувате ли при тоа дека ќе ги поддржите уставните измени?
„Ние тргнавме на овој пат со договор за заедничко владеење до 2024 година и ние не ги менуваме нашите програмски определби и нашата волја да ѝ помогнеме на земјава во оваа насока“.
