Алтернатива со обвиненија: АА и власта вршат притисок врз нашите активисти

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Албанската опозициска партија Алтернатива ја обвинува власта, поточно Алијансата за Албанците, дека врши притисок и закана кон активистите на оваа партија кои се вработени во државната администрација. За ова ќе биде известен Народниот правобранител, но и сите меѓународни институции, најави Адмирим Алити од оваа партија.

-Минатата недела на нашиот советник во општина Тетово, кој е вработен во подрачната единица на Министерството за правда во Тетово, му се јавија од Кабинетот на министерот за правда и му рекоа дека ќе го префрлат со работа во друг град, ова следи откако тој направи неколку распределби на реакциите на Алтернативата против министерот за здравство, кој е и експонент на Алијансата за Албанците-рече Алити.

Покрај администрацијата, Алити вели дека притисоци и најави за отпуштања има и во училиштата, меѓу наставниците и професорите.

-Изминативе денови бевме информирани дека продолжува заканата во форма на „информација“ дека ќе има намалување на образовниот кадар во училиштата, поради намалувањето на часовите и дека тоа ќе ги погоди токму тие наставници кои имаат симпатии за Алтернативата или се нејзини активисти-вели Алити.

Ваквите примери се бесконечни. Имаме десетици активисти на Алтернатива кои преку оваа форма на принуда веќе официјално преминаа во редовите на АА, но продолжуваат да комуницираат со нас, додава Алити. Во меѓувреме за овие обвинувања ја прашавме партијата на Таравари, но не сакаа да коментираат.