Техничка грешка на службите е поднесениот амандман за веќе изграденото училиште, објаснува Бојан Стојаноски претседател на Комисијата за финансирање и буџет и еден од потпишаните на амандманот кој го доставија дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
Јавноста реагираше дека се бараат 92 милиони денари за изградба на енергетски ефикасно училиште кое што веќе е изградено и кое градоначалникот Тимчо Муцунски на почетокот на годинава го пушти во употреба.
„Има шпекулации во јавноста, таков амандман во процедура не постои заради тоа што веднаш кога е заклучено дека се работи за техничка грешка, амандманот е повлечен од процедура и за тој амандман нема да се расправа. Ние 14 пратеници се имаме потпишано на повеќе амандмани кои што се од аспект на образование а кои што бараат изградба и реконструкција на основни училишта во многу општини, дури и некаде каде што градоначалници се од СДСМ“, вели Бојан Стојаноски.
Стојаноски вели дека амандманите за училиштата се поради тоа што во Буџетот од 5,3 милиjaрди евра во ставките за образование се скратени над 30 милиони денари за реконструкција и изградба на училишта. Тој не очекува дека власта ќе ги прифати нивните амандмани.
„Јас сметам дека нашите амандмани нема да бидат прифатени, но за тоа има поднесено амандмани кои што се слични на нашите а се предложени од пратеници на власта и тука сакам да кажам дека ние како пратеничка група воопшто нема да гледаме кој го поднел тој амандман, ние ќе ги кажеме нашите забелешки во дискусијата а секој амандман кој што е за образованието, за студентите и учениците ние ќе го поддржиме“, додава Бојан Стојаноски.
На Комисијата за финансирање и буџет каде што се уште се расправа за Буџетот за идната година во тек е амандманска расправа. Вкупно се поднесени 263 амандмани од кои 199 се од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
