Студентската субвенција за оброк би можела да достигне 4.500 денари месечно, наместо досегашните околу 3.500 денари, а покрај зголемувањето на износот, се најавуваат и дополнителни попусти при купување храна. Предлогот е дел од новиот модел за користење на студентскиот оброк што го презентирала Владата пред претставниците на студентските парламенти на универзитетите.
Премиерот Христијан Мицкоски информираше дека субвенцијата би се користела преку посебна услуга „М-студентски оброк“, која би била дел од апликацијата „М-услуги“.
Со ова решение, студентите би можеле да купуваат храна и пијалаци во рестораните, маркетите и млечните ресторани што ќе бидат вклучени во системот. Купувањето алкохол и цигари нема да биде дозволено, бидејќи средствата се наменети исклучиво за студентски оброк.
Дополнително, Владата планира да преговара со трговците за обезбедување попусти за студентите. Според најавата на Мицкоски, поволностите би важеле и откако ќе се потроши месечната субвенција, со што студентите би добиле можност да купуваат храна по пониски цени и надвор од предвидениот износ на државната поддршка.
Предлогот допрва треба да биде разгледан од студентските претставници, кои ќе разговараат со своите колеги и ќе се изјаснат за понудениот модел. За неговото воведување ќе биде потребно да се развие соодветно софтверско решение, како и да се спроведе тендерска постапка.
Мицкоски најави и активности за подобрување на условите за сместување на студентите. Реконструираниот студентски дом „Кузман Јосифовски-Питу“ се очекува да биде пуштен во употреба до крајот на годината, додека реконструкцијата на студентскиот дом „Стив Наумов“ е во тек.
