„Амбасадор не може да има двојно државјанство бидејќи би бил хендикепиран“, смета Милошоски

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Да не се прават промени во актуелниот закон за надворешни работи, смета Антонио Милошоски пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

„По однос на законот за надворешни работи веќе е утврдено дека амбасадор може да биде лице кое што е државјанин само на Република Македонија и нема двојно државјанство и ние сметаме дека овој став, оваа одредба е правилна и не треба да се менува, бидејќи државјанството значи и права и обврски кон одредена држава“, вели Антонио Милошоски во емисијата „10 минути“ на ТВ21.

Тој додава дека доколку некој амбасадор има двојно државјанство, тоа би значело и хендикеп бидејќи истиот не би имал можност за поседување на безбедносен сертификат.

„Доколку имате двојно државјанство тоа може некогаш да значи и двојна лојалност што во дипломатијата како сензитивен сектор и професија исто како и безбедносните служби не е предност туку може да биде хендикеп. Втората работа е поврзана со законот за класифицирани информации каде што е запишано дека на амбасадорот може да му се даде безбедносен сертификат од највисок ранг, државна тајна доколку е државјанин само на Република Македонија. Ако има двојно државјанство, амбасадорот нема да може да има безбедносен сертификат за државна тајна, што значи дека утре ако имаме таков амбасадор во Варшава, Берлин, Њујорк, Вашингтон во Пекинг, тој ќе биде хендикепиран амбасадор и нема да може да ги исполнува сите надлежности, да ги прима сите информации од матичната држава кои што се државна тајна ниту пак од земјата домаќин, а се важни за Македонија“, додава Милошоски во емисијата „10 минути“ на ТВ21.