Администрацијата на новиот американски претседател Доналд Трамп денеска соопшти дека САД по втор пат ќе се повлечат од Парискиот климатски договор. Критичарите тврдат дека потегот на Трамп ќе ги загрози глобалните напори за спречување на глобалното затоплување.
„Претседателот Трамп ќе се повлече од Парискиот договор за климата“, се вели во соопштението на Белата куќа.
Соединетите држави, вториот најголем загадувач во светот зад Кина и историски најголем загадувач, го напуштија Парискиот договор за климата за време на првиот мандат на Трамп, но Џо Бајден го врати во својот. Парискиот договор е насочен кон ограничување на глобалното затоплување и борба против климатските промени.
Тој поставува цели за намалување на штетните емисии, односно владите се согласија да го ограничат глобалното затоплување на 1,5 степени Целзиусови во споредба со прединдустриските нивоа со цел да се избегнат најлошите последици од климатските промени.
